Денеска (08.08.) полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Битола и од криминалистичката полиција при СВР Битола, како и припадници од Одделението за внатрешни работи Прилеп реализираа превентивни активности каде што акцентот беше ставен на заштита на имотот на граѓаните, заштита од кражби, измами и разбојништва, но и состојби од општата безбедност како што е неовластената употреба на оружје при свадби и прослави. При спроведувањето на активностите под мотото – „Сигурноста на граѓаните е наша обврска“, полициските службеници говореа и презентираа практични искуства и совети за овие теми важни за безбедноста и сигурноста во заедницата.
Одделенијата за внатрешни работи на Крушево, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод, во рамките на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ под мотото - „Лето без пожари“, во непосреден контакт со жителите на наведените подрачја укажуваа на најчестите причини и ризици за предизвикување на пожари, но и за начините за нивно превенирање преку соработка со полицијата и со другите надлежни институции. Во насока на елиминирање на потенцијалните ризици од пожари и поквалитетна едукација, на граѓаните им беа делени печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.