Денеска (07.08) полициски службеници од ОВР Крушево при СВР Битола, во рамките на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ спроведоа превентивна активност за заштита од неовластено пукање со огнено оружје на прослави и веселби под мотото „Слави со срце,не со оружје“. Притоа, во централното градско подрачје на Крушево со граѓаните се разговараше за тоа дека неовластеното пукање претставува кривично дело за кое се предвидени парични, но и затворски казни, а особено беше посочена можноста од штетни и опасни последици. Покрај препораките полициските службеници им делеа на граѓаните и печатен едукативен материјал.
Исто така,во централното подрачје на Крушево и кон излезите за излетничките места беше реализирана превентивна активност насочена кон заштита од пожари, како и за бесправната сеча на шуми како кривично дело, а акцентот беше ставен на детектирање и елиминирање на потенцијалните ризици за предизвикување на пожари како и поквалитетна едукација, при што на граѓаните воедно им беа делени печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.
Полициските службеници од ОВР Ресен, пак, покрај превентивна активност за заштита од пожари и нелегална сеча на дрва , во делот на безбедноста во сообраќајот реализираа превентивни активности со возачите на патнички и товарни моторни возила на кои што им беше укажано за потребата од правење на паузи и одмор при патување, за да се избегне заморот. Дополнително на возачите им беше укажувано за улогата на користењето на заштитниот појас при возење како и за забраната за употреба на мобилен телефон при управување на возилото. За време на активностите на возачите и на сопатниците им беше делен едукативен материјал изработен со поддршка на РСБСП. Исто така на средбите со граѓаните и жителите на подрачјето Битола ,полициските службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола и ПС-ОН Битола во текот на вчерашниот и денешниот ден говореа на повеќе теми важни за безбедноста и сигурноста во заедницата, почнувајќи од незаконското употребување на оружје при прослави и веселби, како и за прашања околу заштитата од кражби и измами.