27 јули 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Денеска и вчера (26/27.07.) полициски службеници од СВР Битола во содејство со полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Прилеп, Ресен, Крушево, Македонски Брод, како и Полициските одделенија Новаци, Кривогаштани и Ропотово, а во соработка со Шумската полиција реализира низа превентивни активности во рамките на оперативниот план „Безбедно лето“. Активностите кои што се спроведоа околу заштитата од шумски пожари и превенцијата од бесправна сеча на шуми беа реализирани на повеќе локации на подрачјето под надлежност на СВР Битола, како и во населените места, односно во повеќе села во регионот.

Притоа, во разговор со граѓаните тие беа информирани за причините и последиците од шумските пожари и дрвокрадството како директни штети по шумскиот фонд, со апел за поголема будност и одговорност особено сега во летниот период. Исто така, граѓаните беа запознаени со актуелната делумна забрана на движење во шумите и шумското земјиште во терминот од 06.00 до 20.00 часот, а појаснети беа и законската одредби со кои се санкционира предизвикувањето на пожари и незаконската сеча на дрва. На граѓаните им беа делени и едукативно летоци со информативни содржини од областа на заштита на шумите.

Покрај ова, денеска и вчера на подрачјето на СВР Битола, односно ОВР Ресен, Прилеп, Македонски Брод, Крушево беа реализирани превентивни активности на темата „Слави со срце, не со оружје“, односно околу штетите и последиците од незаконското користење на огнено оружје и пиротехнички средства при свадби, прослави и други веселби, како и околу заштита од кражби и измами, при што во рамките на тие активности беа посетени градските пазари, парковите, но и занаетчиски и други стопански објекти и на граѓаните им беше укажувано за видовите имотни деликти и начините како истите да се превенираат.

Во делот на безбедноста на сообраќајот сите полициски станици за сообраќајни работи при СВР Битола реализираа превентивни активности со препорака возачите да возат одморени, да користат заштитен појас, да не користат мобилен телефон, а беа делени и шишиња со вода и летоци со едукативна содржина.