27 јули 2023

Превентивни активности на СВР Скопје

Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Полициската станица од општа надлежност Кисела Вода и општината Кисела Вода вчеравечер (26.07.) организираа т.н. ноќна родителска патрола на подрачјето на оваа скопска општина. При тоа беа посетени паркови и други места каде се собираат малолетници во ноќните часови, а фокусот на активноста беше превенцијата од секакви облици на нарушување на јавниот ред и мир од страна на младите, зачувување на урбаната опрема, со поуки за препознавање и избегнување на секакви девијантни однесувања поврзани со конзумација на алкохол и слично.

Инаку, исто така вчера, Одделението за превенција при СВР Скопје во рамките на континуираните превентивни активности од Годишната програма за работа, во непосредна близина на наплатна рампа Миладиновци, а согласно оперативниот план „Безбедно лето“, во кординација со полициски службеници од Полициското одделение Петровец, реализираа и превентивна активност посветена на заштитата од пожари во летниот период. Во активноста во која што беа вклучени и претставници на ЈП „Национални шуми“ и на Шумска полиција, преку непосреден разговор и делење на летоци со информативни содржини на возачите и патниците беше укажувано за потребата од внимателност и одговорност особено сега во летниот период, кога има екстремно високи температури, да се намалат сите ризици за предизвикување пожари. Притоа беше нагласувана потребата од внимателност при одење во предели каде има шуми или сува трева и стрништа и да не се фрлат запаливи предмети, догорчиња на цигари, затоа што е потребно многу малку за да настане голема штета не само по шумскиот фонд и зелените површини туку и по безбедноста на луѓето.