25 јули 2023

„Безбедна заедница - мирна заедница“ во Ресен, работен состанок со месните заедници во Македонски Брод за заштита на шумите

Во текот на вчерашниот ден (24.07.2023) полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен на повеќе локации на подрачјето на Ресен ја реализираа превентивната активност „Безбедна заедница - мирна заедница“, а во рамки на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, насочен кон градење поквалитетна соработка и комуникација меѓу полицијата и заедницата.

На неколку локации во Ресен полициските службеници преку делење на едукативни летоци и во непосреден разговор ги информираа граѓаните со задачите и обврската на полицијата во интерес на обезбедување сигурност и безбедност на граѓаните, на нивните материјални добра. Притоа, беше потенцирана неопходноста и потребата граѓаните вклучувајќи се преку Локалните совети за превенција, поинтензивно да соработуваат со полицијата, која е нивен сервис, со што заеднички би се дал дополнителен придонес за зголемување на безбедноста во заедницата во којашто живеат. Во рамките на активноста со населението беше разговарано за поголема заштита од кражби, разбојништва и измами.

Исто така, вчера, полициски службеници од ОВР Македонски Брод, на покана од градоначалникот на општина Македонски Брод, присуствуваа на работен состанок со преставници од месните заедници од новите викенд населби во селата Близанско и Здуње, коишто како населби се наоѓаат до самата вештачка акумулација Козјак (Поречко Езеро). Темата на работниот состанок беше заедничко постапување при решавање на актуелните проблеми и нивно надминување, пред сѐ во делот на превенција дрвокрадство и шумски пожари.

Покрај ова, во текот на вчерашниот ден сите полициски станици на подрачјето на СВР Битола реализираа превентивни активности во соработка со ЈП Национални шуми и Шумска полиција под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од пожари“ во рамки на кои што преку непосредна комуникација и разговор со граѓаните, полициските службеници укажуваа како и каде да се пријавуваат пожарите и на кој начин да се заштитат шумите од можните огнени стихии.

Целта на превентивната активност беше фокусирана кон подигнување на свеста кај граѓаните, излетници и рекреативци, како и месното население, за свесно и одговорно постапување при излети и прошетки во шумите, а во насока на елиминирање на потенцијалните ризици од пожари. Дополнително, на граѓаните им беа поделени и печатени материјали со информативни содржини изработени сосоработка со ЈП Национални шуми.