Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола и волонтерите на општинската организација на Црвен крст Битола и денеска (21.07.) се вклучија во активностите и мерките за превенција и заштита на населението од топлотниот бран. Најмногу внимание се посветува на возачите на автомобили и на повозрасните лица на кои им беа поделен шишиња со вода и беа информирани со препораки за превенција од високите температури. Исто така, криминалистичката полиција при СВР Битола денеска на локации кај „Новиот пазар“ и „Градски пазар“ во Битола, реализираше превентивни активности во рамките на проектот – „Бизнисот и безбедноста“ а под мотото – „Полицијата и граѓаните заедно“ фокусиран на областа на заштита од имотни деликти: кражби, разбојништва, измами и слично. Дополнително покрај практичните сугестии на граѓаните им беше делен и едукативен материјал со информативни препораки.
Полициските службеници, пак, од ОВР Македонски Брод, вчера (20.07.) заедно со Шумската полиција во населените места од Поречието – селата Самоков, Ковач, Брест и Косово спроведоа превентивна активност во рамки на проектите поврзани со превенција од шумски пожари и бесправна сеча на шуми.
Исто така, во превентивни активности се вклучија и Полициските одделенија Ропотово и Кривогаштани кои што вчера, заедно со претставници на Шумска полиција и ЈП Национални шуми спроведоа повеќе превентивно-едукативни и информативни активности, во повеќе населени места во подрачјата на надлежност на овие организациони единици. Дополнително на граѓаните им беа делени летоци изработени со соработка на полицијата и ЈП Национални шуми со информации околу заштитата од шумски пожари. На граѓаните, исто така, им беше укажувано за законските импликации доколку од невнимание или намерно се предизвикаат шумски пожари или неконтролирано се сечат шумите. И ОВР Ресен вчера, заедно со преставници од Националниот парк- „Галичица“ реализираа низа активности во рамките на проектите „Лето без пожари“ и „Да ги чуваме нашите шуми“, а полициски службеници од ОВР Крушево во текот на вчерашниот ден реализираа превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот а во делот на некористењето на мобилен при возење.