14 јули 2023

СВР Битола во рамки на „Безбедно лето 2023" продолжува со зајакнати превентивни активности на терен

Денеска (14.07.2023) Отсекот за превенција при СВР Битола со инспектор за кризни состојби при СВР Битола остварија посета на Јавното претпријатие „Нискоградба“ во Битола, со цел безбедна летна сезона и справување со кризна состојба, на која се разговараше за важноста од навремено превенирање и преземање на соодветни мерки при временски непогоди.

Вчера (13.07.2023) од страна на полициски службеници од ОВР Македонски Брод беше реализирана превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот под мото ,,Не потценувај го заморот" и „Вози одморен“ при што во непосредна комуникација со возачите на моторни возила им беше укажано за влијанието на заморот, за последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од замор, како и за потребата од паузи на подолги дестинации, консумирање на повеќе течности, како и почитување на сообраќајните правила и прописи. Од страна на полициските службеници на возачите, освен препораките и советите, им беа поделени и едукативни летоци.
Во делот на безбедноста во сообраќајот вчера и денеска, ОВР Ресен спроведе превентивна активност под мото „Стави појас“ и „Вози одморен“, при што во централното градско подрачје на Ресен и на патните правци за туристичките места Претор, Крани, Асамати и Отешево на возачите и останатите патници во возилата им беше укажано за важноста од користење на сигурносен појас.

Вчера (13.07.2023) во градскиот пазар во Ресен, полициските службеници од ОВР Ресен во непосредна комуникација на граѓаните им беше укажано за мерките за заштита и самозаштита од разбојништва, кражби, џебни и дрски кражби. Целта на активноста, покрај едукативно – информативниот карактер, е заштита и спречување, односно намалување на бројот на кривични дела од областа на имотните деликти.

Во Крушево на излетничките места, полициските службеници од ОВР Крушево реализираа превентивна активност на тема ,,Лето без пожари" и „Да ги чуваме нашите шуми“, при што од страна на полициските службеници, граѓаните, туристите и останатите посетители беа запознаени како да постапат и каде да ги пријавуваат криминалните активности кои ќе ги забележат во шумите и шумски пожари. Граѓаните, исто така, беа информирани и за законските санкции за предизвикување шумски пожари, како и за потенцијалните штети на шумскиот фонд и животната средина.

Криминалистичката полиција при СВР Битола и во текот на денешниот ден (14.07.2023) продолжува со зајакнати активности во насока на едукација на населението на подрачјето на Битола, поради зачестени пријави од граѓани за измами со злоупотреба на личните податоци во врска со подигнување на брзи кредити во име на трето лице, како и да бидат исклучително внимателни со кого ги споделуваат или каде ги изложуваат на увид личните карти, патните исправи, трансакциски сметки или здравствени легитимации.
Исто така, инспекторите од криминалистичката полицијата на СВР Битола во текот на денешниот ден во непосредна комуникација со граѓаните, посебно на помладите им укажаа на потребата да бидат особено внимателни при посредување за работа надвор од државата. Со цел спречување на измами, особено да бидат внимателни при аплицирање и склучување на договор за работа во странство и да ја проверат агенцијата/компанијата која им ги нуди услугите за посредување и сите сомнителни случаи соодветно да ги пријават.