На 11.07.2023 полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип, во содејство со полициски службеници од Полициска станица Штип реализираа превентивна активност во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“. Притоа, на повеќе локации во централното градско подрачје остварени се средби со граѓани во кои е разговарано за опасноста од употребата на оружје за време на одржување прослави под мотото „Слави со срце, не со оружје“. Целта на превентивната активност е подигнување на свеста кај граѓаните околу можните последици од употребата на оружје на јавно место за време на одржување на веселби и секаков друг вид на манифестации. Воедно, на граѓаните им беше поделен едукативен материјал во кој се потенцирани последиците од употребата на оружје на семејни веселби, а беа информирани и за законските одредби што го санкционираат таквото однесување како и за казните кои се изрекуваат.
Исто така денеска, полициски службеници при ОВР Свети Николе реализираа две превентивно - едукативни активности под мотото „Лето без пожари“ и „Заштита од кражби“ во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“.
На првата превентивно-едукативна активност која беше реализирана во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ - Шумско стопанство Свети Николе, во селата Ќоселери, Сарамзалино, Аџиматово, Ѓуземелци и Милино беа реализирани непосредни средби и разговори со жителите на овие населени места кои се занимаваат со сточарство и управуваат земјоделски машини при вршењето на земјоделските работи, со цел да се информираат, но и да се подигне нивната свесност и одговорност за шумите. Граѓаните, исто така, беа запознаени од полициските службеници како да постапат и каде да ги пријавуваат криминалните активности кои ќе ги забележат во шумите или за настанувањето на шумски пожари.
Втората превентивно - едукативна активност беше спроведена со жителите на наведените населени места на тема „МВР за граѓаните“ и „Сигурноста и безбедноста на граѓаните - наша обврска“. Притоа, во непосредна комуникација со жителите и сопствениците на продажни објекти им беше укажано за начинот на кој може да се заштитат од разбојништва, кражби, џебни и дрски кражби. Активноста, покрај едукативно – информативниот карактер, има за цел заштита и спречување, односно намалување на бројот на кривични дела од областа на имотните деликти. Воедно, на граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали.