09 јули 2023

„Да ги чуваме нашите шуми“, „Лето без пожари“, „Заштита од кражби“, „Безбеден сообраќај“ – продолжуваат бројните превентивни активности на СВР Битола

Во рамки на оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2023“, вчера и денеска (08/09.07.2023) во Битола, Прилеп, Ресен и Крушево се реализираа низа превентивни активности под мотото „Да ги чуваме нашите шуми“, „Лето без пожари“, „Заштита од кражби“, „Безбеден сообраќај“.

Така во текот на вчерашниот ден (08.07) во Прилеп и населените места с.Подмол, с.Штавица, с.Чумово, с.Бонче, с.Марул, с.Канатларци, с.Ерековци, с.Алинци, с.Шелеверци и с.Мало Рувци, како и во централното градско подрачје на Крушево и излетничките места во околината, беа реализирани непосредни средби и разговори со жителите на овие населени места, претежно со оние кои се занимаваат со сточарство и управуваат земјоделски машини при вршењето на жетвените работи, со цел превентивно да се информираат, но и да се подигне нивната свесност и одговорност за шумите и нивното природно и општествено значење во регионот и за државата во целост. Граѓаните, исто така, беа запознаени од полициските службеници како да постапат и каде да ги пријавуваат криминалните активности кои ќе ги забележат во шумите или за настанувањето на шумски пожари.

Во Ресен и с.Подмочани, ресенско, полициските службеници од ОВР Ресен спроведоа превентивна активност во рамки на проектите „МВР за граѓаните“ и „Сигурноста и безбедноста на граѓаните - наша обврска“. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните и сопствениците на деловни објекти им беше укажано за мерките за заштита и самозаштита од разбојништва, кражби, џебни и дрски кражби. Целта на активноста, покрај едукативно – информативниот карактер, има за цел заштита и спречување, односно намалување на бројот на кривични дела од областа на имотните деликти. Воедно, на граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали.
Во Битола, од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот беше спроведена превентивна активност со фокус кон пешаците и велосипедистите. Активноста беше спроведена на Градското шеталиште и во Градскиот парк во Битола, каде на граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали во насока на подигнување на безбедносната свест и култура кај граѓаните, со посебен акцент на пешаците и велосипедистите.