Во рамките на оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2023“, денеска (08.07.2023) во Гостивар се реализираа повеќе активности под мотото „Да ги чуваме нашите шуми“. Носители на активностите беа полициски службеници на Отсекот за превенција на СВР Тетово, во координација и содејство со гостиварската Шумска полиција.
На неколку пунктови на граѓани кои управуваат моторно возило им беа поделени наменски изработени летоци од МВР, Шумската полиција и ЈП „Национални шуми“, на македонски и на албански јазик, со информации за улогата и значењето на шумите како наше заедничко богатство, но и за законските импликации доколку тие бесправно се сечат, палат или уништуваат. Граѓаните, исто така, непосредно беа запознаени од полициските службеници како да постапат и каде да ги пријавуваат криминалните активности во шумите или настанувањето на шумски пожари.
Вакви активности идната недела ќе бидат спроведени и на тетовското подрачје, со цел граѓаните превентивно да се информираат, но и да се подигне нивната свесност и одговорност за шумите и нивното природно и општествено значење во регионот и за државата во целост.