На 06.07.2023 полициски службеници од ОВР Ресен спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата „Слави со срце, не со оружје“, при што на повеќе локации во градот и околните населби на граѓаните им делеа информативно – едукативен материјал и во непосредни средби и разговори ги запознаваа граѓаните со сите опасности и последици што со себе ги носи користењето на оружје за време на прослави и веселби, како и со законските последици. Основна цел на активноста е совесно и одговорно однесување на граѓаните, прослави без употреба на оружје или други пиротехнички материјали како и информирање за последиците кои може да настанат.
Исто така, вчера (06.07) во Крушево, во рамки на оперативниот план ,,Безбедно лето“ спроведена е превентивна активност за заштита и превенција на граѓаните од измами при вработување во странство. Во централното градско подрачје и градскиот пазар преку непосредна комуникација на граѓаните им беше укажано да внимаваат при посредување за вработување надвор од државата.
Полициски службеници од Полициско одделение Новаци при СВР Битола на подрачјето на Новаци спроведоа превентивна активност во рамки на проектите ,,Внимателна заедница“ и ,,Бизнисот и заедницата“. Во непосредна комуникација со граѓаните и сопствениците на деловни објекти им беше укажано на мерките за заштита и самозаштита од разбојништва и кражби, начините на препознавање и потребата од навремено пријавување. Целта на активноста, покрај едукативно – информативниот карактер има за цел заштита и превенција, односно намалување на бројот на кривични дела од овој вид. На граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали.