Во текот на вчерашниот ден (02.07.2023) полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш, при СВР Струмица, на подрачјето на Радовиш ја спроведоа превентивната активност што МВР започна да ја реализира во изминатиот период, во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“, посветена на превенцијата од шумски пожари во летниот период под мотото „Пламените јазици се незапирливи“.
Преку делење на едукативни летоци граѓаните беа запознаени со неопходноста од заштита на шумите, како заедничка одговорност на сите, посебно во летниот период од годината, а беа информирани и за последиците и законските санкции од предизвикување шумски пожари, како и потенцијалните штети по шумскиот фонд и животната средина.