27 јуни 2023

Превентивни активности на подрачјето на СВР Битола во врска со бесправната сеча на шуми и безбедноста во сообраќајот

Во рамките на континуираните превентивни активности на СВР Битола вчера и денеска (26/27.06.2023) во содејство со полициски службеници од ПС ОН Битола и од ОВР Крушево, на подрачјата на надлежност на Полициската канцеларија Кажани и на ОВР Крушево, а во соработка со претставници од ЈП „Национални шуми“ и од Шумската полиција беа реализирани превентивни активности од областа на превенцијата од бесправна односно незаконска сеча на шуми.

Притоа, во разговор со месното население беше укажувано на неопходноста од почитување на одредбите од Законот за шуми, потоа за казнивоста и санкциите во поглед на бесправната сеча на дрва, како и околу штетните материјални последици и последиците по шумите. Исто така, на жителите од овие места им беа поделени печатени материјали со едукативна содржина со цел подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на шумите од кражби и нелегално сечење на шумите.

Инаку, вчера во Битола од страна на полициски службеници од СВР Битола на повеќе пунктови во градот беа спроведени и превентивно-едукативни активности во рамки на кампања од областа на сообраќајот „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, чијашто основна цел е поголема безбедност, пред сѐ на децата, пешаците и велосипедистите, но и на другите учесници во сообраќајот. Полициските службеници координирани од Отсекот за превенција при СВР Битола, во непосредна комуникација со возачите, укажуваа за законската обврска возилата да ги пакрираат на места означени за таква намена, избегнувајќи ги тротоарите, велосипедските патеки, урбаното зеленило, пешачките премини или пред влезовите на станбените или стопански субјекти. Исто така, беше укажано дека овој вид незаконитост не само што е казнива, туку оди на штета на безбедноста на пешаците, децата, велосипедистите. Покрај ова, на возачите им беа поделени и летоци со практични корисни информации, а изработени со поддршка од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.