Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје вчера (20.06.) во содејство со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Драчево, како и претставници од Национални шуми и од Шумска полиција беа реализирани превентивни активности од областа на превенцијата од бесправна односно незаконска сеча на шуми.
Притоа, активностите се спроведоа во селата Зелениково, Орешани, Пакошево, Ново Село, Страхојадица и Смесница, каде што во разговор со месното население беше укажувано на неопходноста од почитување на одредбите од Законот за шуми, потоа за казнивоста и санкциите во поглед на бесправната сеча на дрва, како и околу штетните материјални последици и последиците по шумите. Исто така, на жителите од овие места им беа делени печатени материјали со едукативна содржина со цел подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на шумите од кражби и нелегално сечење.