Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (30.05.) во соработка со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Карпош, за децата од предучилишна возраст од ПУДГД “Светот на Колорес“, организираа и спроведоа посета на полициска станица, како и едукација и презентирање на професијата полициски службеник.
Притоа, на интерактивен начин, на децата им беа објаснети сите должности и активности на полициските службеници во служба на граѓаните, со особен акцент во обезбедувањето сигурност и заштита на децата. Воедно, на децата им беа презентирана и дел од материјално-техничките средства за работа на полициските службеници, особено сообраќајните полицајци – стоп палка, радар, флуоросцентен елек, службена легитимација, и друго.
Инаку, денеска, а во рамките на континуираните превентивни активности Одделението за превенција при СВР Скопје продолжи со вчера започнатите едукативни работилница во скопското основно училиште “Кирил Пејчиновиќ“ на подрачјето на ПСОН Кисела Вода, а наменети за децата од вторите и четвртите одделенија во склоп на проектот “Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Во текот на работилниците учениците имаа можност да се запознаат со базичните сообраќајни правила и прописи, за неопходноста од нивно почитување а во интерес на безбедноста на децата-пешаци како учесници во сообраќајот. Потоа, стана збор и за сообраќајните правила и прописи при управување со велосипед или тротинет, како и за важноста на сообраќајната култура и совесното и примерно однесување во сообраќајот.