Отсекот за превенција при СВР Штип заедно со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип денеска (12.05.) во штипските средни училишта “Славчо Стојменски“ и “Димитар Мирсачев“ реализираа едукативни работилници со учениците од овие две средни училишта.
Притоа, за учениците од четврта година односно матурантите, а во рамки на кампањата за безбедни матурски прослави полициските службеници говореа за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, како и на одредбите од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Во таа прилика на матурантите им беше укажано за одговорностите како возачи почетници, но и за мерките и последиците од непочитувањето на сообраќајните прописи, особено во поглед на конзумирањето на алкохол и управување на моторни возила за време на претстојните матурски прослави.
Покрај ова, а за учениците од прва и втора година од овие средни училишта Отсекот за превенција при СВР Штип реализираше едукативни работилници на тема – врсничко насилство. Во рамки на наменски подготвената презентација средношколците беа запознати со формите на манифестирање на врсничкото насилство, со последиците и законските санкции од ваквото девијантно однесување. Исто така, посебно внимание се посвети неопходноста од навремен превентивен ангажман за негово спречување и заштита на учениците.
Инаку, денеска и полициски службеници од ОВР Делчево во основното општинско училиште “Ванчо Прќе“ реализираа превентивно-едукативно предавање за учениците од третто, четврто и петто одделение а посветено на темата – “Безбедност на најмалите во сообраќајот“. Полициските службеници на децата им ги презентираа основните сообраќајни правила и прописи важни за нив како пешаци и како корисници на велосипеди, но и за задолжителното користење на сигурносните појаси додека се во возило во движење.