Денеска (05.05.) во рамки на континуираната соработка со локалната заедница, ученици и наставници од основното училиште “Св. Климент Охридски“ од Делчево ја посетија Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Делчево при Регионалниот центар за гранични работи Исток. Притоа, полициските службеници ги запознаа учениците со работата на граничната полиција, функционирањето на граничниот премин и граничната контрола, а воедно им ги презентираа и средствата со кои работи граничната полиција за надзор, возилата со кои располага, работата на службеното куче и друго. Иста ваква активност денеска беше спроведена и во Полициската станица за граничен надзор Пехчево при РЦ за ГР Исток која што беше посетена од страна на учениците од основното општинско училиште “Ванчо Китанов“ од Пехчево. Покрај запознавањето на учениците со секојдневната работа и работни задачи на граничната полиција за граничен надзор, тие имаа можност да се запознаат и со дел од средствата и опремата со кои располага и работи полицијата, а секако посебен интерес побуди работата на службеното куче. Целта на денешните превентивни активности кои се поклопуваат со одбележувањето на “7-ми Мај, Денот на полицијата“ беше градење потесна соработка и комуникација, а во насока на зголемување на довербата во полицијата.