Вчера (10.04) полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Битола, во општина Могила одржаа трибина со месното население и земјоделците на подрачјето на оваа локална самоуправа.
На трибината која беше спроведена со поддршка од претставници од подрачното Министерство за земјоделство Битола, потоа од Агенцијата за привремен развој на земјоделството Битола, Здружение на современи земјоделци Битола и општина Могила главна тема и акцент беше ставен на земјоделската механизација-тракторите и другата приклучна механизација како учесници во сообраќајот, особено во поглед на претстојната земјоделска сезона.
Притоа беше укажано од страна на полициските службеници дека согласно законските одредби сопствениците на механизацијата како учесници во сообраќај се должни да ги почитуваат нормите пропишани во Законот за возила и Законот за сообраќај на патиштата, а беa посочени и други нивни обврски како сопственици на земјоделските машини и механизацијата во делот на регистрирање на истите. Исто така на граѓаните им беше презентирана законската обврска за сопствениците на ваквата механизација таа соодветно и прописно да биде обележена и осветлена.