Секторот за внатрешни работи Струмица денеска (25.03.2023) започна со реализирањето на кампањата „МВР за граѓаните - заедница, доверба и одговорност“, која се реализира во соработка со Македонскиот полициски синдикат. Во рамките на кампањата, денеска, на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица со делење на летоци и непосреден разговор со граѓаните ја потенцираа пораката на оваа кампања дека полицијата постои за да биде во служба на заедницата, да креира побезбедни средини за граѓаните каде тие ќе чувствуваат поголема сигурност.
Факт е дека граѓаните најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат во заедницата во која живеат. Преку нивното идентификување, анализа и коренито решавање имаме за цел да влијаеме за долгорочно намалување на тие проблеми.
Станува збор за концепт кој го развиваме во последните неколку години, а за тоа говорат и бројните превентивни активности кои ги реализиравме на подрачјето, меѓу кои „застани разговарај“, „заштита од провални и дрски кражби“, „заштита од измами“, „стоп за возење под дејство на алкохол“, „паркирај совесно, паркирај одговорно“ и други.
Истражувањата и анкетите покажуваат дека довербата во полицијата расте, благодарение на зголемената ефикасност на полицијата и намалување на криминалитетот, што го потврдуваат и статистичките податоци.
Наш главен приоритет останува да градиме полиција која ќе биде видлива, полиција блиска со граѓаните, па затоа денес во Струмица, а во наредните саботи во Валандово, Радовиш и Гевгелија ја реализираме оваа кампања, со цел уште повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, да градиме доверба и со меѓусебна соработка да ја зголемиме безбедноста, која е од заеднички интерес за сите нас.