24 март 2023

Превентивни активности на СВР Скопје

Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (24.03.) во соработка со полициски службеници од Полициските станица од општа надлежност Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и Полициското одделение Шуто Оризари реализираа пет едукативни работилници во исто толку основни училишта на подрачјата на надлежност на овие организациони единици при СВР Скопје.

Така, во рамки на проектот “Безбедност во училиштата“ на темата - “Трговија со луѓе“, работилници се одржаа во основните училишта “Ѓорче Петров“ (во истоимената општина) и во “Братство“ на подрачјето на ПС од ОН Карпош. Притоа на работилниците учество земаа и учениците членови на училишните Клубови за превенција.
На работилницата одржана во ОУ “Димо Хаџи Димов“, исто така на подрачјето на ПС од ОН Карпош темата беше посветена на проблемите со зависностите и тоа како во поглед на зависностите од опојни дроги, така и зависности од алкохол, интернет, комар и друго.

Во ОУ “Александар Македонски“ на подрачјето на ПС од ОН Аеродром на работилницата на која што учествуваа ученици од седмите одделение темата беше фокусирана на проблематиката на насилство, особено меѓуврсничкото насилство, како и “сајбер булинг“.

На работилницата со учениците од ОУ “Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари на која што учествуваа и полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај темата беше посветена на безбедноста на учениците во сообраќајот. Притоа, на интерактивен начин, на учениците им беа презентирани информации за основите на сообраќајната култура, сообраќајните правила, прописи и знаци, со посебен акцент на оние кои директно влијаат врз безбедноста на децата кои се учесници во сообраќајот во улога на пешаци.