08 март 2023

Превентивни активности на СВР Тетово за побезбеден сообраќај

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска (08.03) реализираше превентивна активност од областа на сообраќајот. На неколку пунктови во Тетово и Гостивар полициски службеници им делеа на возачите, припаднички на понежниот пол, информативни летоци, освежувачи за возила и цвеќе. Во летоците изработени во соработка со РСБСП, акцент е ставен на корисни информации кои се однесуваат на задолжително користење на сигурносен појас, прилагодување на брзината според условите, некористење мобилен телефон при возење, воздржување од консумирање на алкохол и максимална грижа за секој учесник во сообраќајот.

Денешните превентивни активности на Отсекот за превенција при СВР Тетово се реализираа во рамки на заедничката кампања -“Вози одговорно“, чии носители се Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност-Скопје.