14 февруари 2023

Полициската станица Виница со превентивно-едукативна кампања фокусирана на безбедно возење и почитување на сообраќајните прописи

 Полициски службеници од Полициската станица Виница при СВР Штип, денеска (14.02.2023), во централното градско подрачје спроведоа превентивно-едукативна кампања фокусирана на безбедно возење и почитување на сообраќајните правила и прописи. Притоа, на неколку локации, во непосредна комуникација со граѓаните и со возачите, полициските службеници укажуваа на неопходноста од почитување на сообраќајните правила, како од аспект на сообраќајните санкции, така и од аспект на безбедноста во сообраќајот на сите учесници во сообраќајот, вклучително и на пешаците. Особено беше апелирано на одговорно возење и управување на моторните возила без дејство на алкохол, прописно паркирање на места дозволени за тоа и прилагодување на возењето на условите на патот. На граѓаните и возачите им беа делени печатени материјали со едукативни сообраќајни содржини, изработени во соработка со РСБСП.