09 февруари 2023

СВР Скопје со континуирани едукативни работилници наменети за млади, дел од проектот „Безбедност во училиштата“

 Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје во текот на вчерашниот ден (08.02.2023) во соработка со Полициските станици од општа надлежност Центар, Ѓорче Петров, Чаир и Бит Пазар беа реализирани пет едукативни работилници од проектот „Безбедност во училиштата“. Така, во Основното училиште „Киро Глигоров“ на подрачјето на Центар беше реализирана едукативна работилница со учениците од деветто одделение на тема „Превенција од сите видови насилство“, а со цел учениците да се запознаат со поимот насилство, со видовите на насилство, но пред сѐ - физичкото, психичкото, меѓуврсничкото насилство, насилството преку социјалните мрежи, како и насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

 Во Основното општинско училиште „Ѓорче Петров“ на подрачјето на Ѓорче Петров, исто така, се одржа едукативна работилница на тема „Превенција од семејно насилство“ на која што учествуваа учениците членови на Училишниот клуб за превенција. На подрачјето на Чаир, едукативни работилници се одржаа во основните училишта „Климент Охридски“ и „Петар Здравковски Пенко“, исто така, на темата „Превенција од семејно насилство“, при што преку видео презентација учениците и членовите на Училишните клубови за превенција во двете училишта беа запознати со основните информации за овој вид на насилство, како да се препознае семејното насилство и кои се начините за заштита и пријавување. Последната едукативна работилница беше реализирани во СУГС „Цветан Димов“, каде што полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар ги запознаа учениците од прва година со појавата на говор на омраза. Основна цел беше да информираат средношколците со значењето и облиците на говорот на омраза, но и начинот како говорот на омраза да се препознае. Покрај ова, на работилницата стана збор и за електронската апликација за пријавување “RED BUTTON – Црвено копче“, информатичка алатка изработена од страна на Министерството за внатрешни работи, а во функција на благовремено комуницирање и пријавување на ваквите девијантни појави. На учениците им беа поделени и едукативни печатени материјали изработени со поддршка на мисијата на ОБСЕ во нашата земја.