Полициски службеници од Полициската станица Неготино, денеска (02.02.2023) на влезот во градот на булевар „Маршал Тито“ спроведоа превентивно-едукативна кампања од областа на сообраќајот.
Притоа, тргнувајќи од мотото на активноста – „Биди подготвен за во зима“, во непосредна комуникација со возачите, полициските службеници укажуваа за потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи по однос на законската обврска за задолжително носењето и користењето на зимска опрема во возилата, односно на зимски пневматици и ланци до крајот на зимската сезона – 15 март.
Исто така, на возачите им беа поделени и едукативни летоци изработени во соработка и со поддршка од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со содржини и совети околу користењето на зимската опрема како еден од важните фактори за поголема безбедност во сообраќајот.