01 февруари 2023

Регионалниот центар за гранични работи Север со превентивни активности за заштита на здравјето во екстремни зимски услови и за спречување на криволовот

Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Попова Шапка заедно со полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север вчера (31.01.2023) на повеќе локации на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка реализираа превентивна активност посветена на превенцијата за заштита на здравјето во екстремни зимски услови.
Во рамки на превентивните активности во кои што беа вклучени жители од населените места – Шипковица, Бродец, Вешала и Бозовце, полициските службеници укажаа на потребата од внимателност при движење во екстремни временски услови во зимскиот период, особено околу опасностите од појави на смрзнатини и други повреди. Покрај ова, на месното население и другите учесници во сообраќајот на овој патен правец им беа поделени печатени летоци со информативни содржини за превенција и самозаштита од смрзнатини.
Исто така вчеравечер, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север, заедно со полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Крива Паланка реализираа превентивни активности околу спречување на криволовот, а во пресрет на отпочнувањето на сезоната на ловостој, која што практично почнува од денес. Во теренските активности во кои што учествуваа и претставници на ловни друштва од селата Ранковце и од реоните на селата Герман и Пклиште, полициските службеници укажуваа на законските одредби, но и на законски предвидените санкции согласно Законот за лов и риболов, како и за почитување на нормативните прописи согласно законите за гранична контрола, за ловство, за полиција, Кривичниот законик, кои што, исто така, ја третираат проблематиката на криволовот.