16 јануари 2023

Превентивни активности на СВР Скопје за побезбеден сообраќај

Денеска (16.01), Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и полициски службеници од Полициска станица Кисела Вода, на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје реализираа превентивна активност од областа на сообраќајот.

Притоа, во рамки на кампањите “Биди одговорен, користи зимска опрема“ и „Не користи мобилен телефон додека возиш!“, во непосредна комуникација со граѓаните, пред се со возачите, укажуваа на потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи во зимски услови, почнувајќи од задолжителното носење и користење на зимска опрема за возилата, прилагодување на сообраќајот согласно отежнатите услови на патиштата, како и некористење на мобилен телефон додека се управува со моторно возило. Воедно на возачите им беа делени едукативни летоци со информативна содржина испечатени во соработка со РСБСП.

Вакви превентивни активности во саботата (14.01) од страна на Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, беа спроведени и на улиците „Филип Втори Македонски“ и „Димитрие Чуповски“.