12 јануари 2023

СВР Битола со превентивни активности на подрачјата на Крушево, Битола и Ресен

Денеска (12.01.2023) полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола, ОВР Крушево и ОВР Ресен реализираа превентивни активности на подрачјето на Битола, Крушево и Ресен.
Во Крушево, во фокусот на превентивната активност беа угостителските работници и сопственици на угостителски локали на ски-терените на место викано „Станич“, како и сопствениците на поголемите угостителски објекти на подрачјето на град Крушево, а во насока на интензивирање на меѓусебната соработка со цел навремено информирање и превенирање на можни нарушувања на јавниот ред и мир, како и други облици на насилно, криминогено и деструктивно однесување, како и обезбедување на безбедна средина за туристите. На угостителите во угостителските објекти им беше посочено да го почитуваат работното време, како и другите закони кои се однесуваат на нивното работење.
На подрачјето на СВР Битола, пак, односно во Ресен и во Битола, од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедноста на патниот сообраќај Битола и од Полициското одделение Ресен, а во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата беше спроведена превентивна активност под мотото „Кога возиш не користи мобилен телефон, секој повик може да чека“, како и активности поврзани со погрешното паркирање на возилата. Во рамките на активноста беше споделен и промотивен материјал со едукативна содржина.
Истовремено, полициски службеници од полициската станица Ресен, во градското подрачје, низ неформални средби со жителите на овој град, им укажуваа на потребните мерки за самозаштита од кражби и разбојништва.