Денеска (10.01.) од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола, а во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на подрачјето на Битола беше спроведена превентивна акција под мотото – “Биди подготвен за безбедно патување во зима -користи зимска опрема“.
Целта на превентивната активност беше да им се укаже пред се на возачите, како непосредни учесници во сообраќајот, односно да се потсетат за задолжителната обврска за поседување на зимска опрема како учесници во сообраќајот, како и околу потребата од прилагодување кон зимските услови на патиштата, а во насока на безбедно движење и пристигнување на посакуваната дестинација.
На возачите им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП со информативна содржина околу законските прописи и сообраќајни правила, во врска со зимската опрема, како и за условите на возење при отежнати коловози.
Исто така на возачите им беше укажано да не управуваат моторно возило доколку се конзумира алкохол, како и за почитување на правилата за ограничување на брзината, а се со цел безбедно одвивање на сообраќајот и зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.