Денеска (24.12.2022) од страна на полициски службеници од Полициска станица Делчево во содејство со Регионален центар за гранични работи Исток реализирана е едукативна активност под мотото „Сигурноста и безбедноста на граѓаните - наша обврска“, преку непосредни средби со вработени во трговски дуќани и граѓани од индивидуални станбени објекти. Од страна на полициските службеници на граѓаните им беше укажано како да се заштитат од имотните деликти и им беше посочено за неопходноста од блиска соработка и навремено известување на полицијата доколку забележат нешто сомнително. Притоа, во текот на превентивната активност на граѓаните им беа поделени едукативни летоци за заштита од кражби.
Истовремено, во Делчево беше реализирана и едукативна превентивна активност на тема „Не користи петарди и други пиротехнички средства“. На граѓаните на Општина Делчево им беше појаснета законската регулатива доколку се употребуваат пиротехнички средства, а беа информирани и за ризиците по животот и здравјето кои ги носи употребата на пиротехника. Граѓаните добија и летоци со едукативна содржина за опасностите од нелегална употреба на пиротехника, а на учесниците во сообраќајот - возачите им беа поделени освежувачи за автомобил.
Целта на активноста беше на граѓаните да им се укаже за можните опасности и последици од употребата на петардите и пиротехничките средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.