20 декември 2022

Не користи пиротехнички средства- превентивна кампања на ОВР Свети Николе

Денеска (20.12.) полициски службеници за превенција при ОВР Свети Николе спроведоа едукативна кампања под мотото – “Не користи пиротехнички средства“ чија што цел е превенција од употреба на пиротехнички средства во пресрет на претстојните празници.

Притоа, полициските службеници на повеќе локации во Свети Николе разговараа со граѓаните, а беа поделени и едукативни печатени материјали изработени во соработка и поддршка со УНДП, со содржини околу штетноста и последиците од нелегалната употреба на пиротехника.

Мотивот на превентивната кампања беше да се опфатат што повеќе категории на граѓаните, но пред се најмладите, и да им се укаже за можните опасности и последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, појава посебно актуелна пред и за време на новогодишните и Божиќните празници, како и потенцирање на казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста и безбедноста на граѓаните.