09 декември 2022

Користете зимска опрема- превентивни активности на СВР Велес и СВР Штип

Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Неготино денеска реализираше превентивни активности во Неготино, под мотото – “Користи зимска опрема“.

На повеќе локации во градот во непосредна комуникација со граѓаните, пред се со возачите, полициските службеници им укажуваа за законската обврска за задолжително носење и користење на зимската опрема во периодот од 15 ноември до 15 март. На возачите воедно им беа делени едукативни печатени материјали околу важноста од користењето на зимската опрема – зимски гуми и ланци, но и за законските последици од непочитувањето на овие норми кои што првенствено се во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Исто така денеска, ваква превентивна активност во Пробиштип реализираа и полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Пробиштип при СВР Штип, а фокусирана токму на безбедното патување во зимски услови.