07 декември 2022

Едукативни работилници на СВР Скопје

Продолжувајќи со превентивниот проект “Безбедност во училиштата“, денеска (7.12) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Полициските одделенија Петровец и Сарај реализираа две едукативни работилници со децата во основните општински училишта “Братство- Единство“ (село Средно Коњари) и “Ибе Паликуќа“ (село Бојане).

Овој пат, темите на работилниците, покрај проблематиката на насилствата, се однесуваа на корпусот човекови права, со посебен акцент на правата на децата и нивна заштита. Од страна на полициските службеници децата беа запознати со основните и темелни принципи на човековите права, како и со правата на децата, што претставуваат тие, за Конвенцијата за правата на децата на ОН, за заштитата на детските права и кои институции се грижат за заштита на правата на децата.

Основна цел на презентациите беше запознавање и мотивирање на учениците за нивен активен ангажман преку Клубовите на превенција во промовирањето на нивните права и одговорности, а пред се во насока на нивна заштита од опасностите на разните социо-патолошки појави.