Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола вчера (05.12.) во основното училиште “Стив Наумов“ во Битола реализираа едукативна работилница во рамки на превентивниот проект „Безбедност во училиштата“ .
Говорејќи за основната тема на овој проект – превенција од насилството меѓу учениците како и злоупотреба на дрога и алкохол – полициските службеници на учениците им презентираа искуства и практики како да се превенираат различните форми на насилство каде што учесници или жртви се децата, почнувајќи од врсничкото насилство, семејното насилство, насилството на социјални мрежи и на спортски натпревари.
Посебно акцент беше ставен на појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови. Исто така им беше укажано на штетното дејство од употребата на дрога и алкохол, но и ригорозните законски санкции што ги повлекуваат ваквите девијантни појави.