28 ноември 2022

Едукативни работилници на СВР Скопје во училиштата во Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров

Одделението за превенција при СВР Скопје и полициски службеници од Полициските станици од општа надлежност Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром, а во рамки на превентивниот проект “Безбедност во училиштата“ денеска (28.11) реализираа четири едукативни работилници и тоа во основните училишта: “Димо Хаџи Димов“ (Карпош), “Ѓорче Петров“ (Ѓорче Петров), “Ѓоргија Пулевски“ и “Љубен Лапе“ (Аеродром) .

И овој пат тематски работилниците беа фокусирани на превенција од појавата на насилството кај учениците, односно сите форми на насилство каде што децата се учесници или жртви: физичкото насилство, психичко насилство, меѓуврсничкото насилство, насилство преку социјалните мрежи, како и насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Посебно беше потенцирана појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови. Исто така на работилниците беше истакната улогата на училишните Клубови за превенција како еден важен механизам за превенција на насилството во и надвор од училиштето.