Согласно зацртаната динамика за реализација на превентивниот проект “Безбедни училишта“, вчера (01.11.) Отсекот за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од Полициското одделение Мирковци во основното општинско училиште “Кирил и Методиј“ во село Кучевиште одржаа едукативна работилница со учениците од ова училиште, на тема посветена на човековите права и во тој контекст и за правата на децата. Притоа, на учениците им беа презентирани повеќе важни аспекти и од Конвенцијата за заштита на правата на децата на ООН, а со цел децата, особено преку формираните училишни клубови за превенција, поконкретно да се вклучат во заштитата од разните девијантни појави, но и да се ангажираат како активни чинители во превенцијата од можните криминогени злоупотреби на децата во соработка со наставниците и полицијата.
Исто така, вчера полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Скопје во средното училиште на град Скопје – “Сарај“ заедно со полициски службеници од Полициското одделение Сарај отпочнаа со реализација на проектот „За безбеден град“ кој ќе се реализира во 23 средни училишта на подрачје на СВР Скопје, преку формирање на Тимови за безбедност кои ќе бидат составени од претставници на училиштата - директор и психолог, двајца претставници од Совет на родители, двајца претставници - ученици од Училишна заедница, каки и од инспектори од ОП, инспектор по малолетничка деликвенција, и полициски службеници од организационите единици на чие што подрачје се средните училишта поединечно.
Целта на овој прв работен состанок беше да се запознаат и родителите со превентивните активности што се планираат да се реализираат во средното училиште “Сарај“, а во насока на подобрување на безбедноста на учениците, односно формирање на тим за безбедност, реализација на едукативни активности во форма на работилници , трибини и дебати на теми од областа на безбедноста, како и реализација на други активности кои ќе произлезат како иницијативи од страна на менаџментот на училиштето, родителите и учениците.