Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, вчера (26.10) заедно со полициски службеници од Полициските станици од општа надлежност Центар и Гази Баба во основните училишта “Кирил и Методиј“ (општина Центар) и “Григор Прличев“ (општина Гази Баба) одржаа едукативни работилници согласно превентивниот проект “Безбедност во училиштата“.
Притоа, темата на работилницата беше –“Човекови права – правата на децата“, а во контекст на сите оние социодевијантни појави во кои што децата најчесто се жртви на злоупотреби. Исто така, работилницата имаше и за цел подобро да го објасни функционирањето и улогата на училишните клубови за превенција, претходно веќе формирани и во овие две скопски училишта, а во насока на конкретно вклучување на децата во превентивните активности во и надвор од училиштата. Така, меѓу другото, децата од седмите и осмите одделение беа запознати со основните човекови права во делот на детските права, што тие претставуваат, како и околу Конвенцијата за правата на децата на ОН, институционалната грижа и заштита и слично.