12 октомври 2022

Преку превентивниот проект „Безбедност во училиштата“ на СВР Скопје, Клубови на превенција и во две основни училиште на подрачјата на Гази Баба и Сарај

Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Гази Баба и Полициското одделение Сарај, денеска (12.10.2022) во рамки на отпочнатиот превентивен проект „Безбедност во училиштата“ реализираа две едукативни работилници во две основни училишта на подрачјата на скопските општини Гази Баба и Сарај.


Првата работилница беше спроведена во ОУ „Глигор Прличев“ во општина Гази Баба, а втората во ОУ „Ибе Паликуќа“ во с.Бојане - општина Сарај меѓу ученици од седмите и осмите одделенија, од кои што беа формирани Клубови за превенција што ќе функционираат и во овие две основни училишта.


Согласно концептот на проектот, темите на едукативните работилници првенствено се однесуваа на насилството меѓу младите во повеќе сегменти - врсничко насилство, семејно насилство, насилство преку социјалните мрежи, насилство на спортските натпревари. Исто така, во предавањата беа опфатени и девијантните појави на зависности - од алкохолот, од дроги, потоа трговијата со луѓе, како и сообраќајната безбедност, злоупотребата на пиротехнички средства, односно подрачја каде што детската популација е крајно чувствителна и загрозена. Воедно учениците беа информирани за суштината и целите на формираните Клубови за превенција, преку кои што тие можат да ги заштитат своите права, но и да се заштитат од опасностите и заканите од девијантните форми на однесување.