На 27/28.08.2022 во времето од 23.00 до 02.00 часот Одделението за внатрешни работи Делчево во рамките на оперативниот план “Безбедно лето 2022“ реализираше превентивна кампања “Соседска патрола“ составена од полициски службеници, родители, претседатели на совет за родители од Средното општинско училиште “Методија Митевски-Брицо“, oсновното училиште “Ванчо Прке“ и основното училиште “Климент Охридски“, претставник од локалната самоуправа и претставник од Центарот за социјални работи. Патролата изврши превентивна обиколка на угостителските објекти во Делчево и изврши посета на места на отворен простор каде во ноќните часови младите се собираат и задржуваат.
Целта на патролата беше родителите да видат каде младите излегуваат, каде се собираат, задржуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои и какви се можните проблеми со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Исто така целта беше да се зацврсти односот помеѓу полицијата и граѓаните, да се зголеми степенот на безбедност, да се намалат можни инциденти на местата каде младите се забавуваат, да се подигне нивната свест и совест за одговорно однесување на јавни места и во угостителски објекти и како доследно да се почитуваат законските одредби.