Денеска (29.07.2022) на подрачјето на Битола, Секторот за внатрешни работи Битола заедно со Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Битола спроведоа превентивна активност во рамките на кампањата „Безбедно лето" во која беа опфатени возачите на товарни моторни возила.
Полициските службеници разговараа со возачите и ги потсетија за законската обврска која ја имаат како возачи на работни машини, да го почитуваат работното време за управување на возилото, бидејќи одморот е неопходен, предупредија за поголема внимателност при возење во жешките денови. Исто така, на возачите им беше укажано на забраната за управување на возило под дејство на алкохол и посебно внимание за почитување на дозволената брзина во и надвор од населено место. При спроведување на активноста, на возачите им беше поделена вода за освежување.
На 28.07.2022 во селата Бистрица, Породин, Велушина, Канино, Олевени, Барешани, Острец, Кишава и Лажец, полициски службеници од СВР Битола-Отсек за превенција, Полициска станица од општа надлежност Битола, Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола во рамките на кампањата „Безбедно лето" спроведоа превентивни мерки за заштита од пожари. Притоа, со месното население беше разговарано за ризиците и последиците од палење оган на отворен простор. Исто така, беа поделени и летоци со едукативна содржина.