Во рамките на планираните активности на СВР Тетово за подигнување и унапредување на сообраќајната свест и култура на учениците од основните училишта и на нивната безбедност од домот до училиштето и назад, а по барање на тетовското Основно училиште „Лирија“, деновиве реализирана е практична настава со стотина ученици од прво, второ и трето одделение.
Најмладите основци од ова училиште поблиску бeа запознаени со основните поими, сообраќајни знаци и прописи, откако заедно со полициски службеници од Отсекот за превенција и тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај, пеш поминале по улиците „ЈНА“, „Илинденска“ и „Маршал Тито“ во Тетово и имале непосредна можност да видат што е пешачки премин, како правилно се минува улица, како треба да се однесуваат на крстосница и како да се движат по улици кои имаат или на кои не постојат обликувани тротоари.
Целта на овој вид настава е да им се помогне на учениците од најниските одделенија во основните училишта полесно да се снаоѓаат во сообраќајот и да се чувствуваат побезбедни додека пристигнуваат во училиштата или во нивните домови.