01 октомври 2020

Превентивни активности на СВР Скопје и општина Кисела Вода по повод почетокот на новата учебна година

Вчера во скопската општина Кисела Вода се одржа состанок на Локалниот совет за превенција,во чија што работа учествуваат и претставници на Одделението за превенција при СВР Скопје. Притоа, во фокусот на Советот беа безбедносно- превентивните мерки на подрачјето на општината во текот на новата учебна година, а во контекст на состојбите предизвикани од актуелната пандемија со Ковид 19. 

На состанокот на Локалниот совет за превенција беа донесени повеќе заклучоци, меѓу другото, и околу интензивирањето на соработката меѓу полицијата и училиштата. Така, во соработка со невладината организација „Рубикон,“ Одделението за превенција при СВР Скопје ќе партиципира во организирање на Форум театри на отворено, на тема „Стоп за злоупотребата на социјалните мрежи и меѓуврсничкото насилство“. 

Покрај ова, на состанокот е договорено формирање на мешани патроли со советите на родители и полициски службеници од Полициска станица Кисела Вода, како и формирање на тимови за безбедност за следење на безбедносната состојба и преземање навремени соодветни мерки. Исто така, на состанокот на Локалниот совет за превенција на Кисела Вода беа предложени и други форми на активности како организирање на креативни работилници, дебати и слично, при што сите тие активности ќе бидат реализирани согласно протоколите за заштита и превенција од Ковид-19.