Секторот за внатрешни работи Тетово неделава стартуваше со повеќе превентивни активности на тема „Спречување на насилно и недостојно однесување на спортски натпрeвари“, кои планирано е да се реализираат со близу 3000 ученици од четврта година во сите средни училишта на подрачјето.
Во училиштата веќе се одржуваат посебни работилници, односно предавања, на кои интерактивно учествуваат и родители, училишни психолози и педагози. На нив се дебатира за потребата од фер и спортско навивање на фудбалски или други натпревари, но и за законските импликации доколку се иницира или учествува во насилство пред, за време или по завршување на натпреварите.
На предавањата посебен акцент му е ставен на претстојниот квалификациски натпревар помеѓу фудбалските репрезентации на Република Северна Македонија и Република Косово, кој на 26 март годинава ќе се игра во Скопје, а на кој се најавува присуство на повеќе навивачки групи, меѓу кои и од тетовско-гостиварското подрачје.