Во рамките на планираните активности на Отсекот за превенција во Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска во Гостивар се одржа заеднички состанок на кој присуствуваа претставници од гостиварската локална самоуправа, одговорни на основните и средните училишта и училишни психолози и педагози.
На состанокот интерактивно се споделуваа информации и искуства поврзани со нарушувања на јавниот ред и мир во и околу училиштата и како тие најефикасно да се превенираат, односно пресретнат, а стана збор и за малолетничката деликвенција, злоупотребата на наркотични дроги и за други општествено девијантни појави, кои посредно или непосредно ги тангираат учениците, а посебно средношколците.
Најодговорните во училиштата се заложија за почести предавања на кои учениците поблиску ќе бидат запознати со негативните последици од користење на наркотични дроги и од инволвирање во малолетнички криминал, но и со законски предвидените санкции кои се однесуваат на истото.
Ваков состанок неделава беше организиран и во Тетово, што претставува редовна практика на СВР Тетово на почетокот на секоја учебна година.