Одделението за превенција при СВР – Скопје, во рамките на сообраќајно – воспитните акции „Поголема безбедност на пешаците и велосипедистите“ и „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, во првите десет месеци од оваа година реализираше 84 едукативни работилници, со кои беа опфатени учениците од второ и од четврто одделение. Притоа, во оваа учебна година беа реализирани предавања во 24 училишта, од кои 20 централни и 4 подрачни.
Едукацијата за второодделенците се реализира преку следните форми:
· Запознавање на учениците со професијата сообраќаен полицаец;
· Интерактивно предавање за основните сообраќајни правила и прописи кои треба децата да ги знаат на патот од домот до училиштето и обратно, заради нивна лична безбедност како учесници во сообраќајот;
· Прикажување на сообраќаен филм, прилагоден на возраста на децата, по што следува разговор со децата во врска со прикажаниот видео материјал;
· Практично предавање и примена на веќе научените сообраќајни правила и прописи за време на организирана посета на сообраќајни површини - тротоари, пешачки премини, улици, крстосници, онаму каде што условите дозволуваат.
Вториот дел од акцијата ги опфаќа учениците од четврто одделение, особено што тие во текот на годината го исполнуваат законскиот услов да управуваат со велосипед на пат со наполнети 10 години.
Покрај теоретското интерактивно предавање за правилата, обврските и оденесувањето на пешаците и велосипедистите во сообраќајот, како и последиците од непочитувањето на правилата, за нив едукацијата опфаќа и решавање на замислени сообраќајни проблеми, со користење на магнетна табла со нацртан сообраќаен полигон и магнетни сообраќајни знаци и фигури.
Во наведениот период, исто така, реализирани се 44 едукативни работилници во осум детски градинки, во рамките на проектот „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“.
Целта на едукацијата е развивање и унапредување на сообраќајното образование и воспитување на учениците, унапредување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата како предизвик од општествен интерес, како и минимизирање на бројот на сообраќајни незгоди во кои како учесници се јавуваат децата.