ДРЖАВЈАНСТВО е правна врска меѓу Вас и државата и не го означува Вашето етничко потекло
Согласно Уставот, државјанството на Република Северна Македонија (РСМ) е уредено со закон и не може да се одземе. Законот со кој се уредува државјанството е Законот за државјанството од 1992 година изменет и дополнет со Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството од 2004, 2008, 2011, 2016 и 2021 година.
КАКО ДА СТАНАМ ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?
* Со потекло, односно, ако сте родени од родител/родители кој/кои е/се државјанин/државјани на Република Северна Македонија
* Во исклучителни околности, со раѓање во Република Северна Македонија
* Со природување
СО ПОТЕКЛО ИЛИ СО РАЃАЊЕ
ШТО Е ДРЖАВЈАНСТВО СО ПОТЕКЛО ?
По раѓањето, Вашето дете стекнува државјанство на РСМ, доколку барем еден од Вас родителите е државјанин на РСМ.
Односно, Вашето дете стекнува државјанство на РСМ со потекло кога ќе бидат исполнети следниве услови:
* Ако и двајцата сте државјани на РСМ, вашето дете стекнува државјанство на РСМ независно од тоа каде е родено.
* Ако еден од вас е државјанин на РСМ и ако вашето дете е родено во РСМ, тогаш Вашиот брачен другар мора да се согласи со тоа вашето дете да стекне државјанство на РСМ.
* Доколку вашето дете се роди во странство, а само еден од вас е државјанин на РСМ, тогаш вашето дете ќе стекне државјанство на РСМ, доколку:
- Поднесете барање за запишување на Вашето дете во книгата на државјани, пред тоа да наполни 18 години; или
- Вашето дете се враќа да живее во РСМ со Вас, пред да наполни 18 години; или
- Вашето дете со наполнети 18 до навршени 23 години возраст поднесе барање за запишување во книгата на државјани.
Забележете дека, доколку другиот родител е непознат или со непознато државјанство, Вашето дете ќе стекне државјанство на РСМ со потекло, независно од тоа каде е родено!
КОИ ДОКУМЕНТИ ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСАМ ДО ПОДРАЧНАТА ЕДИНИЦА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ?
Заедно со барањето (формуларот) треба да ги поднесете следниве документи:
* извод од матичната книга на родените на детето;
* доказ за државјанство на РСМ на родителите;
* доколку детето е малолетно, согласност од родителот кој не е државјанин на РСМ;
* лична карта на родителот или старателот;
* регулирано полномошно, доколку барањето се поднесува од овластено лице.
Забележете дека формуларот за запишување и формуларот за согласност се издаваат бесплатно во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.
ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВАМ АКО МОЕТО ДЕТЕ Е РОДЕНО ВО СТРАНСТВО?
Треба да поднесете барање за запишување во книгата на родени и регистарот на државјани во матичната служба во местото на живеење на родителот кој е државјанин на РСМ. Ако сте во странство, раѓањето треба да го пријавите во најблиската амбасада или во најблискиот конзулат на РСМ.
ШТО АКО ПОСВОЈАМ ДЕТЕ?
Вашето целосно посвоено дете, исто така, ќе се стекне со државјанство на РСМ со ПОТЕКЛО, доколку двајцата или еден од вас родителите е државјанин на РМ.
ДАЛИ СЕКОЕ ДЕТЕ РОДЕНО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ СТЕКНУВА СО ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ?
Не, само оние деца на кои најмалку еден од родителите им е државјанин на РСМ. Меѓутоа, ако детето е најдено или родено во РСМ и ако родителите се непознати, или се со непознато државјанство или се без државјанство тогаш тоа дете стекнува државјанство на РСМ. Државјанството на детето во ваков случај ќе му престане ако до наполнети 15 години живот се утврди дека родителите му се странски државјани и доколку детето со тоа нема да остане без државјанство.
ПРИРОДУВАЊЕ
ШТО ЗНАЧИ ПРИРОДУВАЊЕ?
Ако како возрасен доброволно се стекнете со државјанството на државата во која престојувате, откако сте ги исполниле условите од законот на таа држава тогаш сте стекнале државјанство со природување. Во РСМ, природувањето може да биде пред се врз основа на годините на законски престој или на брак со државјанин на РСМ. Ако стекнете државјанство на РСМ со природување, Вашите малолетни деца, исто така, ќе го добијат истото државјанство, но запомнете дека податоците за нив треба да ги вклучите во вашето барање за прием во државјанство на РСМ. Подолу во оваа брошура ви се објаснети неколку различни начини на стекнување државјанство на РСМ со природување.
КАКО ДА ПОДНЕСАМ БАРАЊЕ?
ТРЕБА ЛИЧНО ДА ПОДНЕСЕТЕ ПОПОЛНЕТ ФОРМУЛАР – БАРАЊЕ (се дава бесплатно во секоја подрачна единица на Министерството за внатрешни работи) во подрачната единица на МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ којашто се наоѓа во вашето место на живеење. Запомнете дека треба со вас да ги носите и ПОТРЕБНИТЕ ДОКУМЕНТИ. НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА ГИ ВКЛУЧИТЕ И МАЛОЛЕТНИТЕ ДЕЦА ВО ВАШЕТО БАРАЊЕ ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РСМ.
ДАЛИ ТРЕБА ДА ПЛАТАМ ТАКСА ?
Да, треба да платите административна такса од 100 евра. Пред да го поднесете барањето треба да уплатите 20 евра и потврдата од пошта/банка дека сте ги уплатиле треба да ја приложите заедно со барањето. Останатите 80 евра треба да ги уплатите ако добиете државјанство на РСМ пред да си го подигнете решението во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. И за тоа треба да доставите потврда од пошта/банка.
КАКО ДА УПЛАТАМ?
Уплаќате во денарска противредност на даночна уплатница со назнака за Републички буџет на РСМ на жиро-сметка чиј број ќе Ви го кажат во поштата/банката каде уплаќате.
Овозможено плаќање на лице место на ПОС терминал
ВАЖНО!
МОЖЕ ДА ПОБАРАТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ДА БИДЕТЕ ОСЛОБОДЕНИ ОД ПЛАЌАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНАТА ТАКСА, АКО ЕДИНСТВЕН ИЗВОР НА СРЕДСТВА ВО ВАШЕТО ДОМАЌИНСТВО Е ПОСТОЈАНАТА ПАРИЧНА ПОМОШ ИЛИ СОЦИЈАЛНАТА ПАРИЧНА ПОМОШ ШТО ВИ ЈА ДАВА ДРЖАВАТА .
КАКО МОЖАМ ДА ДОБИЈАМ ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА АКО СУМ СТРАНЕЦ И ЖИВЕАМ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАЈМАЛКУ 7 ГОДИНИ ?
Треба да ги исполните сите овие услови :
1. Да имате наполнето 18 години ;
2. Да живеете во РСМ законски и постојано најмалку 7 години ;
3. Да имате обезбедено стан ;
4. Да имате обезбедено постојан извор на средства за егзистенција во висина која овозможува материјална и социјална сигурност под услови утврдени со закон ;
5. Во РСМ и во државата чие државјанство го имате да не сте казнувани со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во РСМ ;
6. Во РСМ и во државата чие државјанство го имате, против вас да не се води кривична постапка ;
7. Да го владеете македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разберете со околината ;
8. Да не ви е изречена мерка забрана за престој во РСМ ;
9. Вашиот прием во државјанство на РСМ да не ја загрозува безбедноста и одбраната на РСМ ;
Ако ги исполните сите услови од број еден до број 9 ќе треба исто така да имате отпуст од досегашното државјанство или да докажете дека ќе го добиете ако бидете примени во државјанството на РСМ.
ВАЖНО: Пред да побарате отпуст од досегашното државјанство или пред да докажете дека ќе добиете отпуст од другото државјанство ако бидете примени во државјанството на РСМ, Министерството за внатрешни работи ќе Ви издаде гаранција дека ќе бидете примени во државјанството на РСМ.
И накрај, ако ги исполните сите горенаведени услови, и бидете примени во државјанство на РСМ, ќе треба да потпишете заклетва дека ќе бидете лојален граѓанин на РСМ.
КОИ ДОКУМЕНТИ МИ СЕ ПОТРЕБНИ?
* Кратка биографија.
* ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА (како на пример: лична карта за странец или патна исправа издадена од државата чиј државјанин сте. ). Овој документ ќе треба само да го покажете кога ќе поднесувате барање.
* ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ (ако е странски, да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). Овој документ треба задолжително да го поднесете.
* ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА ВЕНЧАНИТЕ (ако е странски да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). Овој документ треба да го поднесете само ако го имате.
* ДОКАЗ ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ОБЕЗБЕДЕН СТАН :
- договор за купопродажба; или
- договор за закуп; или
- поседовен (имотен) лист; или
- решение за даночен обврзник (нелегални градби) и др.
* ДОКАЗ ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ПОСТОЈАН ИЗВОР НА СРЕДСТВА:
- потврда за работен однос ; или
- потврда за друг извор на приходи.
ЗАПОМНЕТЕ : во потврдата треба да пишува колку пари заработува вашето семејство.
* УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО РСМ (издадено од Основниот суд во вашето место на живеење).
* УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО ЗЕМЈАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАНСТВО ГО ИМАТЕ
* УВЕРЕНИЕ ОД КАЗНЕНА ЕВИДЕНЦИЈА ОД ДРЖАВАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАНСТВО ГО ИМАТЕ
* ПРАШАЛНИК ЗА ПРОВЕРКА НА УСЛОВОТ ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Ако сте завршиле каков било облик на образование на македонски јазик, или пак во текот на образованието сте имале предмет македонски јазик за кој сте имале преодна оценка, заедно со прашалникот приложете го свидетелството/уверението со кое тоа се потврдува.
ШТО АКО СУМ ВО БРАК СО ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ?
1. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РСМ најмалку три години а во РСМ престојувате законски и непрекинато најмалку една година до поднесување на барањето може да добиете државјанство на РСМ ако:
· ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2,3,4 и 7 , односно не треба да сте живееле постојано во РСМ најмалку 7 години, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете.
· поднесете уверение за државјанството на РСМ на сопругот/сопругата и сите останати погоре наведени документи, освен прашалникот за познавање македонски јазик.
2. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РСМ најмалку осум години а законски и постојано живеете во странство може да добиете државјанство на РСМ ако:
· ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2,3,4 и 7, односно не треба воопшто да сте живееле во РСМ, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете.
· поднесете копија од документот со кој се потврдува дека имате пријавен законски престој во друга држава, уверение за државјанството на сопругот /сопругата како и сите останати погоре наведени документи освен прашалникот за познавање македонски јазик.
ШТО АКО НЕ ЖИВЕАМ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НО СУМ ИСЕЛЕНИК ОД РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИЛИ ДЕТЕ НА ИСЕЛЕНИК?
Можете да поднесете барање за државјанство со потребните документи наведени погоре до најблиската амбасада (конзулат) на РСМ. Не мора да добиете отпуст од државјанството што го имате ниту да живеете во РСМ и не треба да го владеете македонскиот јазик, но мора да ги исполните сите останати услови како и секој странец наведени погоре.
ПРИЗНАЕНИ БЕГАЛЦИ И ЛИЦА БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО
Ако сте ЛИЦЕ БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО - ШТО ЗНАЧИ ДЕКА НИЕДНА ДРЖАВА НЕ ВЕ СМЕТА ЗА СВОЈ ДРЖАВЈАНИН ПО СИЛА НА СВОЈОТ ЗАКОН, или ако сте ЛИЦЕ СО СТАТУС НА ПРИЗНАЕН БЕГАЛЕЦ и ако до поднесувањето на барањето законски и постојано живеете на територијата на Република Северна Македонија најмалку шест (6) години од моментот кога е УТВРДЕНО ДЕКА СТЕ ЛИЦЕ БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО ИЛИ ПРИЗНАЕН БЕГАЛЕЦ, за да добиете државјанство на Република Северна Македонија треба прво да поднесете барање заедно со копиите од сите лични документи кои ги имате. Министерството за внатрешни
работи може подоцна да побара од Вас дополнителни документи и податоци.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
* ДАЛИ ДЕТЕ ПОДНЕСУВА БАРАЊЕ ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАНСТВО НА РСМ?
НЕ, ДЕТЕ ПОМАЛО ОД 18 ГОД. СЕ СТЕКНУВА СО ДРЖАВЈАНСТВО ПРЕКУ НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ, НО ЗАПОМНЕТЕ ДЕКА РОДИТЕЛИТЕ ТРЕБА ДА ГИ НАВЕДАТ ПОДАТОЦИТЕ ЗА ДЕТЕТО ВО СВОЕТО БАРАЊЕ.
* ДАЛИ МОЖЕ ДА МИ ПРЕСТАНЕ ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РСМ?
ДА, ДОКОЛКУ ПОБАРАТЕ ОТПУСТ ОД ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. ТОГАШ ТРЕБА ДА ИСПОЛНИТЕ НЕКОЛКУ УСЛОВИ:
* Да сте наполниле 18 години;
* Да сте ги намириле имотно-правните обврски спрема државните органи
* Да сте ги регулирале сите свои имотно - правни и други законски обврски од брачниот однос и од односот на родители и деца спрема лицата кои живеат во РСМ;
* Да доставите доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постака, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник сте, или пак за трговецот поединец, ако сте трговец поединец;
* Во РСМ да не се води против вас кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност;
* Ако сте биле осудени на казна затвор тогаш казната треба да сте ја издржале; и
* Да имате странско државјанство или да докажете дека ќе добиете странско државјанство.
* Може и да не ви се даде отпуст од државјанството на РСМ ако тоа е потребно за да се заштити безбедноста и одбраната на РМ или пак заради реципроцитет и други причини од односите со странската држава.
ДАЛИ МОЖАМ ДА ИМАМ И ДРУГО ДРЖАВЈАНСТВО, ОСВЕН ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РСМ?
ДА, НО КОГА СТЕ ВО РСМ ЌЕ ВЕ ТРЕТИРААТ КАКО ДРЖАВЈАНИН НА РСМ.
ИЗВЕСТУВАЊЕ:
Во врска со уплатниците за прием во државјанство на РСМ, при поднесување на документи се уплаќа 20 евра денарска противвредност (според курс на Народна Банка).
При врачување на решението за прием во државјанство на РСМ, се уплаќа уште 80 евра во денарска противвредност (според курс на Народна Банка).
При уплаќање на уплатницата, странката го пишува бројот на општината каде што живее. Од тие причини уплатната сметка на трите места со XXX не се пополнети.
Полињата во уплатницата означени со XXX се пополнуваат со кодот од Вашата општина
Овозможено плаќање на лице место на ПОС терминал
Уверение за државјанство на Република Северна Македонија се издава веднаш при поднесување на барањето.
Уверение за државјанство на Република Северна Македонија се издава во Одделенијата за управни работи на цела територија на Република Северна Македонија без оглед на тоа каде има пријавено живеалиште подносителот на барањето или онлајн преку националниот портал https://uslugi.gov.mk.
Контакт информации
Јован Алтанџиев помошник министер во Оддел за граѓански работи,
Стандард за доставување (Временски рок)
разумен рок од 2 до 6 месеци
НАПОМЕНА:Полињата во уплатницата означени со XXX се пополнуваат со кодот на Вашата општина.