На 29.01.2025 во 16.00 часот на ул. „Ило Полутешка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода С.Џ.(40) од Прилеп. Тој бил фатен при извршување на кражба од куќа. Одземеното било вратено на сопственикот, а по документирање на настанот против него ќе следува соодветна пријава.
На 30.01.2025 во 04.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Џ.Б.(28) од Куманово. Тој бил затекнат во угостителски објект на улица „Иво Лола Рибар“ од Куманово при обид да одземе предмети. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Денеска (30.01.2025) во 02.10 часот, во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Ѓ.(37) и А.С.(31), двајцата од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 29.01.2025 во 13.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Т.(22) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 29.01.2025 во 21.10 часот во струшката населба Плитишта, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга го лишиле од слобода П.Г.(46) од Струга затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.01.2025 во 19.15 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.А.(40) од Куманово затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 29.01.2025 вo 23.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, патничко возило „пежо 207“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Ј.(20) од Скопје, удрило во пешакот Ф.К.(22) од Скопје. Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција. Возачот В.Ј. бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.01.2025 во 19.15 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионален пат Тетово - с.Јажинце, кај влезот за с.Глоѓи, се случила собраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.Ш.(24) од с.Гургурница, патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.А.(20) од с.Доброште и патничко возило ,,тојота јарис“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од С.И.(54) од с.Доброште. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Д.Ш., констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа на СВР Тетово.
На 29.01.2025 во 11.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Кочо Рацин“ во Скопје, патничко возило „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.С.(21) од Скопје, удрило во пешакот В.Ѓ.(79) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила В.Ѓ., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 29.01.2025 во 17.40 часот во СВР Скопје, од Центарот за управување со кризи било пријавено дека во АМСМ преку Германската јавна служба „Помош на пат“ била добиена информација дека во близина на с.Блаце, на Скопска Црна Гора, се изгубил германскиот државјанин T.H.(75). По преземени мерки и активности, во 19.10 часот во близина на манастирот во с.Бањани, скопско, полициски службеници од Полициското одеделение Мирковци го пронашле лицето во добра здравствена состојба. Т.Н. бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде му била укажана помош.
На 29.01.2025 во 15.15 часот во Полициската станица Велес, С.И.(42) од Велес пријавила дека на улица „Лазо Осмаков“ во Велес, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.
На 29.01.2025 во 19.30 часот во Полициската станица Аеродром, Т.А.(55) од Скопје пријавила дека на бул.„АСНОМ“ во Скопје била касната од куче скитник.
На 29.01.2025 во 17.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Љ.С.(57) од Скопје пријавил дека кај Железничка станица Ѓорче Петров во Скопје бил каснат од куче скитник.
СВР Битола- ОВР Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против С.С.(36) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност” по член 288 од Кривичниот законик. На 25.01.2025 околу 22.30 часот на ул.„Пенка Котеска“ во Прилеп, пријавениот со бензин предизвикал пожар во паркирано патничко возило „фолксваген шаран” со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Г.Ј.(49) од Прилеп. По преземени мерки и активности, на 29.01.2025 во 12.00 часот С.С. бил пронајден и лишен од слобода, по што му е поднесена пријавата.
На 29.01.2025 во 13.20 часот во ОВР Кичево е пријавено дека З.Т.(51) од Кичево, при извршување работни задачи на дел од автопатот Кичево-Охрид, кој е во изградба, паднал и починал. Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош од Кичево, а увид извршиле полициски екипи и трудов инспектор. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
На 29.01.2025 во 22.05 часот на улица ,,Цветан Димов“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ш.Р.(32) од Тетово. Тој, управувајќи патничкото возило „опел“ со скопски регистарски таблички, во кое имало уште три машки лица, на ул.„Тодор Циповски Мерџан“ во Тетово не застанал на даден знак за запирање на полициски службеници. Возилото било запрено на улица ,,Радован Цониќ“, но Ш.Р. со вратата од возилото удрил полициски службеник и се дал во бегство. Тој бил следен, при што полициски службеник испукал два предупредувачки куршуми во воздух. Околу 22.05 часот, возилото е пронајдено, а Ш.Р. бил задржан во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 29.01.2025 во 15.20 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Г.(74) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 11.50 часот агресивно се однесувал и со остар предмет се заканувал на неговите соседи В.Н.(40) и З.С., двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 29.01.2025 во 18.36 часот во СВР Скопје, 59-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Г.М.(44) од Скопје, кој потоа околу 14.00 на нејзиното работно место агресивно се однесувал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.01.2025 во 10.30 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена од Скопје пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода, нејзиниот сопруг Д.Б.А.(32) од Скопје, со кого е во бракоразводна постапка, упатувал закани кон неа и нејзиното семејство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.01.2025 во 15.20 часот во СВР Скопје, Н.В.(60) од Скопје пријавила дека околу 14.20 часот на подрачјето на Чаир, едно лице со употреба на физичка сила ѝ одзело паричник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.01.2025 во 12.30 часот во просторијата за технички преглед во СВР Велес, полициски службеник од Полициската станица Велес, при технички преглед на лично и формациско оружје, од автоматска пушка испукал еден куршум во таванот на просторијата, во која биле уште двајца полициски службеници. Повредени лица нема, а за настанот бил известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
На 29.01.2025 во 13.35 часот во Полициската станица Ѓорче Петров било пријавено дека околу 13.15 часот во касарна Ѓорче Петров, при изведување на вежба со повреда на ногата се здобил еден полициски службеник и бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош.
На 29.01.2025 во 19.00 часот во СВР Струмица, возач на товарно возило пријавил дека откако го паркирал возилото на паркинг простор, слушнал гласови и тропање во приколката од возилото. Полициски службеници од Полициската станица Струмица и Регионалниот центар за гранични работи Југ излегле на местото, а екипа од Царинската управа ја отстранила пломбата и во приколката биле пронајдени четири лица мигранти, од кои двајца од Пакистан и двајца од Сирија. Се работи на расчистување на случајот.
На 29.01.2025 во 11.45 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавениот дека во установата се вратил нивниот штитеник К.П.(17), за кој на 27.01.2025 беше пријавено дека се оддалечил од установата.
На 29.01.2025 во 10.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, С.Ш.(52) од Скопје пријавил дека во домот се вратила неговата невенчана сопруга К.И.(42), за која на 20.01.2025 беше пријавена дека се оддалечила од домот.
На 29.01.2025 во 11.50 часот во Полициската станица Центар, Г.З.(58) од Скопје пријавила дека на ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје била касната од куче скитник.
На 29.01.2025 во 15.45 часот во Полициската станица Драчево, И.А.(66) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Хаџи Николов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 29.01.2025 во 11.00 часот во Полициската станица Драчево, Н.Ј.(48) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Хаџи Николов“ во Скопје, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.
СВР Куманово поднeсе кривична пријава против С.Џ.(34) од с.Матејче, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”. На 20.12.2024 во с.Матејче, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.М.(40) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама во службата“. Пријавената, сопственик на приватна здравствена установа, во периодот од 01.01.2021 до 31.12.2024, со поднесување на лажни фактури го довела во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија, по што овластеното лице на Подрачна служба Гевгелија извршило одобрување на поднесените лажни сметки за да биде извршена исплата на сметка на правното лице во износ од околу 359.000 денари по основ на поднесените фактури.