08 ноември 2018

Жолти табли и еколошки налепници за лиценцираните таксисти

  

Предлог-законските измени подготвени да влезат во собраниска процедура и за коишто сакаме денес да ја информираме јавноста, се дел од неколку важни подрачја што ја тангираат не само сферата на сообраќајот, туку и сферата на екологијата.

Но пред да дадам кусо појаснување на најбитните новини што ги носат предложените законски измени сакам да потенцирам дека тие се, пред се, плод на барањата и на потребите на граѓаните. Имено, сите сме свесни дека сообраќајот особено во главниот град по својот обем е фактички еден од причинителите на загадување на воздухот, така што со измените што сакаме да ги воведеме во делот од Законот за возила - во голема мера ќе се направи квалитетен исчекор во поглед на превенција од аерозагадување. Не само во смисол на воведување на т.н еколошки налепници за категоризација на возилата “вис-а-ви“ употребата и квалитетот на горивата што ги користат, туку и во смисол на нивно користење во содветно дефинирани еколошки зони, но и не помалку важно - воведување нови поквалитетни решенија во системот за инспектирање и издавање АДР -сертификати на возила за превоз на опасни материи. А од почетокот на идната година, се планира, оние досегашни налепници што се издаваа при регистрација на возилата, повеќе да не се издаваат, односно ќе бидат вон употреба.

Исто така, сметам дека од голема важност се и измените што ги планираме во регистарот за возила, односно проширување на опсегот на податоци од евиденцијата на моторни возила, а во насока на подетално, прецизно, следење на целиот процес на експлоатација на возилото од негово производство, односно влез во РМ па се до неговата крајна експлоатација. Истовремено тоа ќе значи создавање на исцрпна база на податоци за возила од интерес на инситуциите.

И конечно, морам да истакнам дека  во дел од измените ние излеговме во пресрет и на барањата на такси-здруженијата, пред се околу воведување на т.н. жолти регистарски таблички, со што пак многу поефикасно ќе се идентификуваат легалните такси возила во однос на останатите така наречени “диви таксисти“.

Искрено верувам дека овие новини во многу ќе ги оправдаат целите заради коишто и се воведуваат. Се разбира пред нас има уште работа и во многу други сегменти, но јас сум оптимист дека на овој начин, преку стручна и континуирана меѓуинституционална соработка можеме да дојдеме до оптимални решенија коишто ќе бидат исклучиво во интерес на граѓаните.