10 октомври 2018

Директорот на БЈБ Сашо Тасевски на 125-та Годишна конференција на Меѓународната асоцијација на шефовите на полициите од целиот свет

Делегација на Бирото за јавна безбедност при МВР, предводена од директорот на БЈБ, м-р Сашо Тасевски, во изминатите три дена (06-09.10) во Орландо САД учествуваше на 125-та Годишна конференција на Меѓународната асоцијација на шефовите на полициите од целиот свет (IACP) чија што примарна мисија е едукацијата, образованието и обуката на полициските служби.

Годинашнава конференција, на која што учествуваа преку 400 делегации од полициски организации од целиот свет, и на која што се обрати американскиот претседател Доналд Трамп, беше посветена на повеќе едукативни теми од областите на полициско работење инаку актуелни во последно време како ефикасното полициско работење така и за ефикасното менаџирање со полициската организација. Меѓу друготo, во рамки на понудените едукативни програми на IACP беа презентирани темите околу односите на полицијата и заедницата, безбедноста и благосостојбата на полициските службеници, за полициската култура и морал, како и низа оперативни образовни тематики како што се одговорите на активни закани, примената на сила, насилниот криминал и друго.

Инаку, оваа посета на Годишна конференција на IACP, се случува после седум години а во организација на ИЦИТАП програмата на американската амбасада во Република Македонија. Во текот на тродневната конференција првиот човек на БЈБ, м-р Тасевски имаше средба со директорот на ИЦИТАП програмата г-динот Гери Бар на кому воедно му врачи плакета на МВР. Истовремено, директорот Тасевски  оствари и повеќе билатерални средби со свои колеги од полициите на земјите од регионот (Косово, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина), како и од други европски земји.