Извадок на дел од дневни настани 11.10.2018

 На 10.10.2018 година во 13.50 часот било пријавено дека настанал пожар на планината Беласица на македонска територија во правец на место викано „Тиха долина“ и место викано.„Сарикаја“, помеѓу селата Банско и Свидовица. Пожарот бил локализиран во 17.40 часот од екипа на Територијалната противпожарна единица Струмица и работници на ПШС-Беласица. Во пожарот биле зафатени околу 105 хектари високо стеблеста шума бука и бел бор. Увид ќе се врши во текот на денот.

 

На 10.10.2018 година во 20.39 часот било пријавено дека на улица „Лепенечка“ во Скопје била опожарена шупа, сопственост на Д.М.(75) од Скопје. Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот.                                                

 

На 10.10.2018 година околу 08.00 часот било пријавено дека А.Ц.(29) од село Долна Бањица, гостиварско, додека изведувал градежни работи во куќата сопственост на Р.А.(50) во село Долна Бањица, паднал и се повредил. А.Ц. паднал од ѕид на висина од 2,75 метри. Тој бил пренесен во Медицински центар Гостивар, од каде, по укажаната лекарска помош бил префрлен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.10.2018 година во 13.40 часот на Граничен премин Аеродром Скопје како депортирано лице од Швајцарија пристигнал В.Ш.(36) од с.Камењане, тетовско. При пропроверка било констатирано дека лицето се наоѓа на листата со мерка “А” (апси) за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Во 16.50 часот лицето било предадено на полициски службеници од СВР Скопје за спроведување до Казнено-поправната установа - Затвор Тетово.  

 

На 11.10.2018 година во 01.00 часот на Граничен премин Аеродром Скопје, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето Ј.С.(30) од Скопје се наоѓа на листата со мерка „А” (апси) за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик на Република Македонија. Лицето било лишено од слобода и предадено на полициски службеници од Полициската станица Гази Баба за спровод до Казнено-поправната установа Идризово.

 

На 11.10.2018 година во 02.15 часот на Граничен премин Табановце, при пасошка контрола, поради сомение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, бил приведен А.Х.(24) од Република Албанија. Тој на увид приложил патна исправа на име К.А.(20) од Република Албанија. Во 03.45 часот лицето било предадено на полициски службеници од СВР-Куманово за понатамошна постапка. 

Во периодот од 22.00 часот на 10.10.2018 година до 02.00 часот на 11.10.2018 година полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во угостителски објект во село Горно Седларце, лоциран покрај автопатот Тетово – Гостивар, сопственост на Н.Ш.(42) од Тетово. Притоа, во објектот биле затекнати 10 девојки(пет од Република Македонија и пет од Република Албанија) кои ги забавувале гостите. Странските државјанки биле приведени во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

 

Во периодот од 00.50 часот до 02.00 часот на 11.10.2018 година полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во угостителски објект во Тетово, лоциран покрај регионалниот пат Тетово – Желино, сопственост на А.Х.(46) од Тетово. Притоа, во објектот биле затекнати шест девојки(две од Република Македонија и четири од Република Србија) кои ги забавувале гостите. Странските државјанки биле приведени во Полициската станица Тетово за натамошна постапка. 

 

Секторот за внатрешни работи Скопје - Единица за недозволена трговија, до надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Д.В.(28) поради постоење основи на сомнение за сторено кривичнo делo „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 09.10.2018 година околу 21.30 часот на улица „Благоја Паровиќ“ полициски службеници го забележале пријавениот како фрла кесе со марихуана. Кесето било пронајдено, а Д.В. бил лишен од слобода. После тоа, врз основа на судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, каде биле пронајдени една кеса со марихуана, една вреќа со марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана. По извршеното вештачење било утврдено дека во пакувањата има еден килограм и 793 грама марихуана. 

 

На 10.10.2018 година околу 23.15 часот во населба Автокоманда во Штип, полициски службеници извршиле преглед над 16-годишник од Штип, при што било пронајдено едно најлонско пакување марихуана. Лицето било приведено во полициска станица и со него бил извршен разговор во присуство на родител. Марихуаната била одземена и дадена на вештачење. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

 

На 10.10.2018 година во 20.15 часот во Полициската станица Прилеп, 45-годишна жена од Прилеп пријавила дека истиот ден околу 20.00 часот нивниот сосед М.У. извршил полови дејствија врз нејзината 10-годишна внука. М.У. е приведен во полициска станица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 10.10.2018 година во 23.40 часот во Полициската станица Прилеп, М.П.(20) од Прилеп пријавил дека истиот ден околу 23.30 часот на улица ,,Кеј 9-ти Септември“ физички бил нападнат од лицата Ш.С. од село Десово, Б.П. од Прилеп, С.Ф. од село Канатларци и А.С. од село Пешталево. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.10.2018 година во 04.30 часот во Полициската станица Прилеп, Д.М.(27) од Прилеп пријавил дека истиот ден околу 02.30 часот во Бизнис центарот во Прилеп физички бил нападнат од лицето И.Б. и уште две непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.10.2018 година во Полициската станица Прилеп, М.Б.(27) од Прилеп пријавил дека истиот ден околу 02.30 часот на плоштадот ,,Методија Андонов Ченто“ во Прилеп физички бил нападнат од непознато лице, при што изгубил свест и паднал на земја. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 10.10.2018 година било пријавено дека околу 16.30 часот во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ на улица „Пушкинова“ во Скопје лицето А.С.(51) од Скопје физички нападнал 11-годишно момче. А.С. физички го нападнал и лицето З.В.(61) од Скопје, кој се обидел да го заштити детето. Набргу потоа А.С. започнал и тепачка со лицата Д.П.(20), С.Н.(38) и К.Л.(36), сите од Скопје, кои реагирале на физичкиот напад на А.С. врз 11-годишното момче и З.В.. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 10.10.2018 година во 19.00 часот, врз основа на судска наредба, било приведено лицето С.Ѓ.(41) од Скопје. 

 

На 10.10.2018 година во 13.20 часот во СВР Куманово, М.З.(26) од Куманово пријави дека неговиот чичко Р.З.(45) од Куманово пред два дена излегол од домот и до моментот на пријавувањето не се вратил. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 10.10.2018 година во 09.00 часот во Полициската станица Кавадарци, О.Ј.(38) од Кавадарци пријавил дека на 09.10.2018 година околу 17.00 часот неговиот деветгодишен син излегол од домот и до моментот на пријавување не се вратил. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 10.10.2018 година во 20.45 часот во Полициската станица Струмица, Р.М.(39) од Струмица пријавил дека истиот ден околу 17.00 часот неговата 17-годишна ќерка излегла од домот и до моментот на пријавување не се вратила. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.   

 

На 10.10.2018 година во 14.30 часот во Полициската станица Центар, 51-годишна жена од Скопје пријавила дека на 9.10.2018 година околу 14 часот на улица „Борка Талевски“ непознато лице ја вознемирувало нејзината 12-годишна ќерка. Според пријавеното, сторителот ја пресретнал и почнал непристојно да и зборува, по што се обидел физички да ја нападне, но девојчето избегало и не се пријавени повреди.Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 10.10.2018 година околу 21.50 часот во маркет на улица „Солунска“ во Битола две непознати лица извршиле разбојништво. Сторителите со закана со огнено оружје од вработената одзеле околу 65.000 денари, по што побегнале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.