Извадок на дел од дневните настани 13.09.2018

 
На 12.09.2018 година во 12.05 часот на регионалниот пат Прилеп-Кичево, во атар на село Русјаци, товарно возило „Фиат Дукато“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.З.(60) од село Самоков-Македонски Брод, излетало од патот и удрило во дрво. На пат за болницата во Прилеп, Р.З. им подлегнал на повредите, а сопатникот С.А. (18) од село Ковач-Македонски Брод бил пренесен во Медицински центар Кичево, каде му биле констатирани телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Македонски Брод. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

 
На 12.09.2018 година околу 07.10 часот во село Амзабегово, светиниколско, при влез во автобус „Ивеко“ со штипски регистарски ознаки, управуван од Ш.Ѓ.(62) од Свети Николе, 12-годишно момче од село Амзабегово паднало и се здобило со тешки телесни повреди. Автобусот бил застанат за прием на патници-ученици од основно училиште и во моментот кога тргнал задната врата била се уште отворена и момчето паднало. По укажана лекарска помош во приватна здравствена установа во Свети Николе, детето било префрлено во болницата во Велес. Извршен е увид на местото на настанот.  

 
На 12.09.2018 година околу 10.10 часот на магистралниот пат А-1, кај место викано „Св.Петка“ во правец кон Демир Капија, Ж.Ј.(55) од село Марена паднал од приколка на товарно возило „Нисан“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на „Македонија пат“, управувано од Ј.А.(52) од село Ѓопчели. Ж.Ј. паднал во моментот кога возилото излегувало од земјена површина за да се вклучи на магистралниот пат, при што се здобил со тешки телесни повреди.  По укажаната помош во Јавната здравствена установа Валандово, тој бил пренесен во Медицински центар Кавадарци. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Валандово.

 
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје, поднесе кривична пријава против лицата М.Д.(40), М.Д.(34) и Т.П.(39), сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по член 396 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 05.07.2018 година, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домовите на пријавените. При претресот, кај М.Д.(40) бил пронајден и одземен еден полуавтоматски пиштол калибар 7,65 мм, една рамка со шест куршуми со калибар 7,65 мм. Во домот на М.Д.(34) биле пронајдени и одземени 18 куршуми со калибар 7,65 мм и 13 куршуми со калибар 9 мм. Додека, во домот на Т.П.(39) бил пронајден и одземен еден полуавтоматски пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм.

 
На 12.09.2018 година во 17.05 часот на Граничен премин Блато, поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување“ од слобода е лишен В.И.(44) од село Сенокос. Во 21.00 часот тој бил предаден во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.

 
На 12.09.2018 година во 13.00 часот во Полициската станица Штип, Б.Т.(39) од село Кучица, општина Карбинци, пријавил дека на 08.06.2018 година околу 10.00 часот од домот во непознат правец заминала неговата 15-годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.   

 
Во текот на вчерашниот ден (12.09.2018) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 11 сообраќајни незгоди од кои шест со лесни телесни повреди и пет со материјална штета. Во сообраќајните незгоди шест лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 62 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 23 возачи од кои: седум возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 13 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца возачи затоа што биле возачи-почетници. Исто така исклучени од сообраќај се и седум возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се двајца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло и пет возачи поради неносење заштитен шлем (кацига). Во текот на изминатиот ден издадени се 32 мандатни платни налози, додека 41 возило се подигнати со специјално возило "пајак".

 
На 12.09.2018 година околу 19.30 часот на кружниот тек на улиците „Видое Смилевски-Бато“ и „Браќа Миладинови“ во Тетово, патничко возило „Ауди А4“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.Б.(30) од  Тетово, удрило во двајца пешаци од Тетово на возраст од 15 и 18 години. Повредените пешаци биле пренесени во тетовската клиничка болница и по укажаната помош биле задржани за понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Tетово. 

На 12.09.2018 година околу 23.40 часот на автопатот Тетово-Скопје, во близина на клучката Југ, полициски службеници запреле патничко возило „Даеву ланос“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Г.Ц.(46) од Тетово, а како сопатниците биле Х.З.(18) и М.З.(45), двајцата од село Мала Речица. При преглед на лицето М.З. било пронајденa и одземенa ќеса со марихуана. Сите три лице биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против против З.М.(52) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично  дело „фалсификување пари“. На 29.04.2018 година при купување на билет на автобуската станица во Кочани, пријавениот разменил фалсификувана банкнота во апоени од 50  евра.  


На 12.09.2018 година во 13.12 часот во Единицата за информации и команда Скопје, З.Џ.(40) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 02.20 часот непознато лице пукало кон неговата куќа на улица „Мара Маждуречка“, при што била оштетена фасадата. Извршен е увид на местото и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот. 

На 13.09.2018 година во 05.07 часот на паркинг простор на булевар „Јане Сандански“ во Скопје  биле опожарени патничко возило „Шкода Фелиција“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.М. Скопје и патничкото возило „Форд Фиеста“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.Р. од Скопје. Делумно опожарено е патничкото возило „Форд Фјужн“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на И.П. од Скопје. Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а увид извршила екипа од Полициската станица Аеродром. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.    

На 12.09.2018 година во 13.15 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека во село Волково, скопско, на место викано „Камењане“, од засега непознати причини избувнал пожар при што билазапалена сува трева и грмушки на површина од околу три хектари и една помошна просторија, сопственост на лицето П.Ц.(65) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. 

На 12.09.2018 година во 17.00 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека истиот ден околу 14.00 часот на булевар „АСНОМ“ Ј.З.(28) од Скопје бил физички нападнат од три непознати лица. Тие најпрво му побарале пари, по што и физички го нападнале. Едно од лицата извадило и нож и го повредило Ј.З. во пределот на раката. Напаѓачите побегнале, а на Ј.З. му била укажана лекарска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.09.2018година во 02.40 часот, полициски службеник од Полициската станица Гази Баба физички бил нападнат од лицето Ф.А.(31) од Скопје. Додека полицискиот службеник се движел  кон своето возило кое било паркирано на паркинг простор на улица „Лазар Поп Трајков“, бил пресретнат и физички нападнат од Ф.А.. Напаѓачот бил совладан и приведен. При приведувањето во полициска станица, Ф.А. во еден момент се оттргнал и физички го нападнал и дежурниот полициски службеник.  Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 12.09.2018 година околу 22.15 часот на улица „Беличица“ во Гостивар полициски службеници го привеле лицето Б.С.(37) од Република Албанија бидејќи непријавено престојувал во Република Македонија. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка.

На 12.09.2018 година во 12.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, управител во Пензионерски дом на улица „Ѓорче Петров“ пријавил дека на 07.09.2018 година од домот се оддалечил  Б.А.(63) станар во домот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.